Велес е една од 8-те најдобри општини во ЈИЕ за водење на бизнис

На 12.06.2013 година во Загреб на Заменик-градоначалникот на Општина Велес, д-р Горан Јовиќ свечено му беше доделен Сертификатот за Општина со поволно деловно окружување. Доделувањето на сертификатите на 8-те општини од Југоисточна Европа беше дел од Вториот регионален конгрес за поволно деловно окружување. Осумте градови од Македонија, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина ги добија ваквите сертификати бидејќи ги спроведоа неопходните реформи и значително го подобрија работењето на администрацијата. На конгресот во Загреб свое обраќање имаше и Заменик-градоначалникот на Општина Велес, д-р Горан Јовиќ кој истакна дека чувствува огромно задоволство што општина Велес е најдобра во Република Македонија кога се во прашање критеруиумите за добивање на овој меѓунареден документ.

Извршниот директор на Сојузот на стопанската комора на Македонија, Митко Алексов во говорот пред учесниците на конференцијата истакна дека стабилна и еконономски развиена општина е предуслов за привлекување инвестиции. За сертификацијата Алексов нагласи дека претставува еден тип виза, односно меѓународен печат за секоја општина која сака да ги зголеми инвестициите и да го подобри своето деловно опкружување. На свечената манифестација обраќање имаа и амбасадарот на Германија во Хрватска потоа министри, градоначалниици и преставници на бизнис-заедниците од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија кои изразија посебни честитки до Општина Велес и останатите градови кои го добија овој сертификат и постигнаа значителен успех. Со денешното примопредавање на признанијата завршува пилот-проектот за сертифицирање на единиците на локалната самоуправа со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа. Проектот беше реализиран со финансиска поддршка на Владата на Сојузна Република Германија, а во соработка со партнерските организации од четирите држави.