Реконструиран и уреден е плоштадот Којник
Овие денови заврши поставувањето на урбаната опрема на плоштадот Којник, а со тоа заврши и целиот проект за реконструкција и уредување на местото кое е едно од знаменитостите на Велес. Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев и Претседателот на Советот, Александар Колев денес беа во постеа на плоштадот Којник и од лице место се запознаа со новиот лик на овој дел од градот. Градоначалникот истакна дека Којник заслужува да има еден современ и препознатлив лик за нашиот град.
„Со оглед на традицијата што ја има и по тоа што Којник е опеан во многу песни, сега претставува едно пријатно катче за граѓаните. Во наредниот период планираме да ги средиме и останатите плоштади и плоштадки особено оние во стариот дел на градот, кои имаат големо историско значење” – истакна градоначалникот Славчо Чадиев. Инаку изминатиов период извршено е поплочување со бекатонски елементи на целокупната површина. Од неодамна е поставена и нова урбана опрема, клупи, жардинери, цветен аранжман, канделабри за осветлување, а овие денови ќе биде поставена и реконструираната чешма. Средствата во висина од 2.000.000 денари се предвидени во Програмата за уредување на градежно земјиште, а истите се обезбедени од Буџетот на Општина Велес.