Општина Велес го доби во сопственост градскиот стадион

После 10 годишна борба со голема упорност и настојчивост Oпштина Велес успеа да стане сопственик на Градскиот стадион. Во „Сл. весник“ бр. 87 од 17-ти овој месец објавена е Одлуката на Владата на Република Македонија со која на Општина Велес и се дава на трајно користење недвижна ствар – Градски стадион во површина од 22.581 м².На денешната пресконференција Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев изрази задоволство за успехот со кој конечно стадионот е вратен во сопственост на градот, на спортистите и на публиката.

„Но ова е само почеток на борбата. Сите знаеме во каква состојба е стадионот и во каква треба да биде од безбедносен и од спортски аспект”. – истакна градоначалникот Чадиев.

Во текот на денешниот ден е даден налог да се санира најнапред опасноста што демне од дрвата склони на паѓање. За таа цел во наредните денови ЈКП „Дервен“ ќе ги исече дрвата, ќе ја искоси тревата и ќе го ослободи појасот околу оградниот ѕид за да може да се отстранат најнапред деловите склони на паѓање, а потоа и целиот ѕид да се замени со нов. Една по една ќе се преземаат сите активности на стадионот по приоритети неопходни за негово функционирање.

„Дел со проекти, дел со сопствени сили ќе направиме напори да ги средиме и трибините, соблекувалните, тартанот на атлетската патека, се со цел да овозможиме стадионот да исполни стандарди со кои ќе бидеме конкурентни за организирање меѓународни натпревари”. – рече на денешната пресконференција градоначалникот Славчо Чадиев.

Инаку како што е познато градскиот стадион во Велес е дел од проектот кој треба да стартува наскоро за поставување нова вештачка трева која ќе ги исполнува меѓународните стандарди за одржување на фудбалски натпревари.