10-ти Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2013“
На 25.06.2013 (Вторник) започна 10-тиот јубилеен Интернационален фоклорен фестивал „Велес 2013”. Традиционално, на свеченото отворање му претходеше дефиле на учесниците низ улиците на Велес преплетувајќи ги боите на Турција, Литванија, Романија, Полска, Украина, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија. 10-тото јубилејно издание на Интернационалниот фолклорен фестивал го отвори градоначалникот Славчо Чадиев кој воедно се забалагодари на сите учесници за можноста заедно пред светот да го изнесеме најголемиот доказ за својот идентитет – фолклорот и традицијата, кодот на постоењето на еден народ. „Следниве пет дена Велес и околните општини ќе живеат во ритамот на фестивалот.
Ќе се остварат договори за нови меѓусебни посети, ќе се разменуваат искуства. Велес уште еднаш ќе потврди дека е град на мостови но овој пат на мостови на пријателството што обединуваат и градат трајни врски меѓу народите. Тоа ја оправдува и нашата гордост и среќа што сме домаќини на најголемите амбасадори во светот”. – истакна градоначалникот Славчо Чадиев. Присутните во амфитеатарот во Младинскиот парк ги поздрави и Томе Јаневски, претседател на Организациониот одбор на фестивалот. Тој истакна дека Велес десетти пат се радува, игра и пее заедно со своите гости. „Десети пат Велес му покажува на светот дека врските создадени со игра и песна се најсилни и најтрајни”. – истакна г-динот Јаневски. На првата фестивалска вечер настапија КУД „Вила Зора“ од Велес, ФА „Хасан Пинарчали Ортаокулу” од Турција, ФА „Драгаица“ од Романија, КУД „Бабиогорзание-Полана Маковска“ од Полска, ФА „Сакарија ве Кавказ халк данслари топлулугу“ од Турција и ФА „Канарејка“ - Украина и ГКУД „Севдах” од Србија. Фестивалот продолжува со уште 4 вечери посветени на фолклорот.