Учесниците на фоклорниот фестивал на прием во Општина Велес

Спектарот од бои, народни шари и насмеани лица од амфитеатарот на Младинскиот парк се пресели денес во општинската зграда. На прием кај претседателот на Советот, Др. Александар Колев и претседателот на Организациониот одбор на ИФФ, г-дин Томе Јаневски дојдоа преставници на фолклорните ансамбли од Романија, Полска, Србија, Украина, Литванија и Турција за да ги пренесат првичните впечатоци од престојот во Велес и да се заблагодарат на гостопримството, граѓаните и организаторите што токму тие ја имаат привилегијата да бидат учесници на јубилејниот 10-ти Фолклорен фестивал во Велес. Претседателот на Советот пак од свое име и од името на Градоначалникот Славчо Чадиев им се заблагодари на гостите што со својот фолклор и позитивна енергија и овој пат докажаа дека се најмоќните амбасадори на своите земји и промотори на својата култура.

Г-динот Јаневски не го криеше задоволството што продолжува да негува пријателството меѓу ансамблите и земјите од каде што тие доаѓаат со нови, млади играорци, но и со ветерани што се редовни учесници на овој, веќе реномиран и стандардизиран интернационален фолклорен фестивал. Денес гостите од странство имаа прилика и да го посетат Народниот музеј, куќата на Кочо Рацин и куќата на Касапови. Следните денови гостите ќе имаат можност да ги посетат и другите знаменитости на градот, локалитетот Стоби и Езерото Младост.