Заврши проектот „Етно-работилници 2013“
На 25-ти јуни 2013 (вторник), свечено беше затворен проектот „Етно работилници“ што Општина Велес го реализираше во соработка со ЗГ „Разбој“. На свеченоста што се одржа во Куќата на Касапови во присуство на гостите од Романија на учесниците и менторите градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев им доделени дипломи за успешна реализација на проектот. Во рамките на проектот во текот на 10 работни дена, во куќата на Рацин, Главинов и Касапови се одржаа три работилници: грнчарска, столарска и ткајачка. На работилниците во кои учествуваа триесет ученика од 5-те основни училишта од градот од VII и VIII одделение инструкторите им ги пренесоа своите знаења и вештини.
Во краток период, младите занаетчии успеаја да ги создадат своите први занаетчиски производи и да се упатат во тајните на старите занаети. Работилниците придонесоа за зајакнување на свеста на младите генерации за значењето на етнолошките вредности на Велес и Македонија преточени во занаетчиството. Според најавите, успехот на работилниците ќе биде дополнителен поттик овие проектни активности да преминат во традиција со цел да се сочуваат и промовираат старите занаети.