Гемиџиите на новото време по 15-ти пат запловија по Вардар

Следејќи ја традицијата на Гемиџиите и велешките трговци, учесниците на 15-та Вардарска регата „Гемиџии“ денес (27.06.2013), тргнаа кон Гевгелија. Пред тоа сите учесници им оддадоа почит на Гемиџиите пред нивниот споменик на брегот на Вардар. Годинава караванот на Вардарската регата се организира по повод 110 години од солунските атентати. Регатата ја сочинуваат една гемија и осум гумени чамци во кои 85 лица ќе пловат по водите на Вардар, а останатите 15 ќе им бидат логистичка поддршка по копнен пат. Свечениот чин на запловување го означи градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев кој симболично во водите на реката Вардар фрли венец и им посака мирни води за пловидба на велешките гемиџии.

 

„Вардарската регата ја пренесува приказната на велешките трговци од времето кога за Велес со почит се зборувало во Влашко и Солунско, кога се внесувал овде духот на европските цивилизациски достигнувања. Но гемијата е цврсто врзана и со револуционерите што трајно ја обележија македонската борба за слобода и самобитност , нашите Гемиџии од чии подвизи годинава обележавме 110 години”. – истакна градоначалникот Чадиев. На манифестацијата присуствуваа и свештени лица од Повардарската Епархија, претставници од повеќе велешки организации, АРМ и СВР-Велес. Вечерва учесниците на регата ќе преноќат на воениот полигон Криволак на Стрела 1 Вториот ден регатата се движи кон Демир Капија, третиот ден е во Мрвенци и четвртиот ден на 30-ти Јуни се пристигнува во Гевгелија како последна дестинација. Таму сите на глас ќе ја изговорат легенда порака на Гемиџиите „ Се арчиме за Македонија“.