Офицерскиот дом е сопственост на општина Велес
Со одлука на Владата на Република Македонија (Службен весник бр.90, 27 јуни), Офицерскиот дом се отстапува на трајно користење и истиот станува сопственост на Општина Велес. Градоначалникот Славчо Чадиев денес од лице место ги презентираше намерите на локалната самоуправа за намена на просторот и објектот кои и официјално се во сопственост на Општина Велес. „Постапувајќи по моето барање, Владата го отстапи Офицерскиот дом на општина Велес на трајно користење. Офицерски ќе се реновира и преадаптира во Градска куќа.
Така градот ќе добие една репрезентативна куќа за што се подготвува проект од страна на архитектите. ЈКП Дервен ќе биде задолжен за уредување на целиот простор и за дворот. Со пари на општината ќе почне реконструкцијата на објектот и фасадата. Според планот, приземјето ќе се реконструира во сала за венчавање, а на катот ќе направиме простор за средби на градоначалникот и пратениците. Се ќе се вклопи во една целина, заедно со новата зграда на театарот, Младински парк и црквата во изградба - рече градоначалникот Славчо Чадиев. Градската куќа ќе го има централното место и се околу неа ќе биде отворен простор со ново хортикултурно решение. Во наредниот период ќе се урне оградниот ѕид за да се отвори просторот. Ќе се исечат старите дрвја во дворот кои преставуваат опасност за граѓаните и околните куќи и ќе се посадат нови. Општината Велес по изработката на проектот истиот ќе го стави на јавен увид на граѓаните кои ќе можат да дадат забелешки и предлози за потоа да се започне со поправките на објектот и уредувањето на просторот.