Започнa да функционира проектот „Патролен социјален работник”

Денес (Среда, 10.07.2013) и официјално започна да функционира проектот „Патролен социјален работник”. Составен е од волонтер – социјален работник на Општина Велес, волонтер – дефектолог од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и волонтер од Црвениот крст. Службата ќе работи под директно менторство на Одделението за јавни дејности во Општината и Центарот за социјална работа.

Задача на оваа служба е со директна комуникација со месните и урбаните заедници навремено да ги детектираат сите девијантни појави во средината – семејно насилство,проституција,питачење, алкохолизам, наркоманија и сл. но да се откриваат и социјални случаи, сами и беспомошни стари лица и тн. Канцеларијата на Партолниот социјален работник ќе биде отворена секој работен ден од 9:00 – 17:00 часот за да може покрај на терен да работи и во канцеларија со странки што сакаат да пријават случај. Кога ќе почне теренската работа работното време ќе биде со дежурство во канцеларија.

Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев денес и официјално го означи стартот на овој проект. Тој истакна дека Основната цел на проектот е за сите детектирани случаи да се отвори досие и да се проследат до надлежните институции во системот за да се рехабилитираат, социјализираат и во најдобар случај да се спречи девијантноста во самиот почеток. Општина Велес во овој простор ќе реализира и уште еден многу значаен проект – тоа е СОС линијата. Веднаш по завршувањето на техничките работи – приклучок и обезбедување на потребната обука на волонтерите за опслужување на СОС линијата, на сите медиуми ќе биде објавен бесплатниот телефонски број на СОС линијата. Во времето кога ќе биде затворена канцеларијата остануваат отворени телефоните на Центарот за социјална работа. СОС линијата и проектот за Патролен социјален работник се преплетуваат меѓу себе во: навремено детектирање на девијалнтни појави, контакт на жртвите со надлежните институции, советодавна улога итн.