Градоначалникот Чадиев изврши увид во изградбата на цевководот
Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев денеска изврши увид во реализацијата на веќе започнатиот проект за водоснабдување на локалитетот езеро „Младост“ од градскиот водоснабдителен систем. Во моментов се работи на првиот резервоар, а потоа се продолжува со поставување на водоводните цевки до езерото Младост и населбата Отовица. „За три месеци водоводниот систем ќе профункционира. Наредната година ќе продолжиме и ќе направиме еден кружен тек односно приклучување на трасата од населбата Речани, така да ќе го комплетираме тој кружен тек кој што е својствен за една ваква населба.
Потоа ќе продолжиме кон село Новачани” истакна градоначалникот Славчо Чадиев. Со реализација на овој проект ќе се реши водоснабдувањето на жителите на Башино село, Населба Речани, с. Отовица, с. Сујаклари и Езеро Младост. Со чиста и исправна вода за пиење ќе се снабдат повеќе од 4.000 жители од овој дел. Цевководот е долг осум километри. Средствата за овој проект се обезбедени со заем од Светска банка и чини 42 милиони денари.