12-ти Интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2013”
На 13-ти јули годинава, театарските уметници повторно го вратија животот на археолошкиот локалитет Стоби. Честа да го започне 12-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма ја имаше Градскиот театар од Истанбул со претставата „Лисистрата“во режија на Кемал Кочатурк. Во името на ЗГ „Стоби“ , многубројната публика во античкиот театар ја поздрави директорот на фестивалот Зоран Љутков кој упати благодарност до сите институции, организации и компании кои и годинава го поддржаа ИФАД „Стоби“ како и тоа дека квалитетот а не квантитетот е она што ќе го одбележи годинешниот фестивал.
Во името на Општина Велес, фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев, кој изрази задоволство што по дванаесетти пат во Стоби може да се почувствува моментот на спојување на антиката и сегашноста. - „Со фестивалот на античка драма, ова место стана повеќе од молчалив споменик на славното уметничко минато. Малиот број на антички драми оставени во наследство на човештвото и ретките грандиозни споменици на културата каков што е Стоби, се уште поголем поттик да се зачува културното наследство.” – истакна Александар Колев. Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2013“ ќе трае до 20 јули со доделување на наградите за најдобра женска и машка улога, најдобра режија и најдобра претстава. Фестивалот се одржува со поддршка од Министерството за култура и општина Велес.