Општина Велес со сертификат за безбедност на информации ИСО 27001
Денес (15.07.2013) во просториите на Ликовниот салон на Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев од страна на сертификационото тело „ДАС” свечено му беше доделен меѓународниот сертификат за управување со безбедност на информации ISO 27001.
Сертификационото тело „ДАС“ е едно од водечките светски сертификациони тела. Седиштето на „ДАС“ е во Обединетото Кралство, а има свои претставништва во САД, Австралија, Бразил, Сингапур, Русија, Јапонија, Кореја, Полска, Бугарија, Србија, БиХ, како и во други земји ширум светот. На денешната манифестација тие упатија честитки до тимот на општината и дадоа насоки за континуиран развој на системот согласно со меѓународниот стандард. Градоначалникот Славчо Чадиев истакна дека е особено горд сум затоа што со имплементацијата на овој стандард Општина Велес е првата општина во Република Македонија, но и првата општина во пошироки регионални размери која од денес натаму го поседува овој сертификат.
„Поседувањето на овој стандард истовремено е голема чест, но и голема обврска. Континуитетот во креирањето на безбедна политика и начинот на организирање на информациската безбедност е од особена важност за општината во целост. Ваквиот пристап во континуитет ќе ја зголемува ефикасноста, софистицираноста на општинскиот информациски систем, ќе бара усовршување на знаењата на вештините на вработените, управувачките алатки и континуирани промени во начинот на изведба на работата во целост”. – истакна градоначалникот Чадиев.
Овој успеx е потврда на заложбите на Велес, да биде општина лидер во примената на информатичката технологија и достигнувањето на највисоките меѓународни стандарди во обезбедувањето на услуги за граѓаните. Придобивките за граѓаните се гледаат во можноста за: целосен интегритет на личните податоци, што значи дека истите не може да се менуваат без тоа да биде евидентирано; достапност на информациите тогаш кога е тоа потребно; автентичност, односно континуирано потврдување на веродостојноста на податоците, трансакциите, комуникациите и документите. А сето ова е потребно од една едноставна причина – обезбедување на брзи, квалитетни и секогаш достапни информации.