Промоција на четири тома од оставнината на гемиџијата Павел Шатев

Во Ликовниот салон на 16.07.2013 година (Вторник) беа промовирани четирите тома од пишаната оставина на македонскиот револуционер, национален деец и државник Павел Шатев. Промоцијата се организираше во градот на Гемиџиите, луѓето кои пред 110 години ги извршија солунските атентати, а меѓу нив беше и самиот Шатев. Четирите тома: „Историја на Македонија“, „Борис Сарафов – биографија“, „Спомени“ и „Полициско досие (досие УДБА)“ се објавени од Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје и Државниот архив на Република Македонија, во превод на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.

До крајот на годинава ќе бидат објавени уште четири тома со трудови и документи на Шатев. Неговата оставина содржи повеќе од 4.000 страници во ракопис. Павел Шатев е непосреден учесник и активен сведок на речиси сите етапи на македонското револуционерно минато: учесник во солунските атентати во 1903 година; активист во организациите на македонската емиграција во Бугарија и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација и на ВМРО (Обединета). По ослободувањето на Македонија се вклучил во државниот и политичкиот живот на новата македонска власт со членувањето во АСНОМ, како член на првата влада на Федерална Македонија, како министер за правосудство, потпретседател на Президиумот на АСНОМ и сојузен пратеник во Уставотворното собрание на Југославија. Шатев умира во затворската болница во Битола на 29 јануари 1951 година. Бил погребан на гробиштата кај црквата „Св. Недела“ во присуство на неговата сопруга и на само неколку негови пријатели.