Се реконструира Гимназијата „Кочо Рацин", проект: Преку енергетска ефикасност до намалена емисија на CO2
Денес во СОУ „ Гимназија Кочо Рацин“ и ССОУ „Димитрија Чуповски” се одржа средба меѓу претставници од Општина Велес и фирмите кои работат на реконструкција на училишниот објект. На средбата беше договорена динамика за изведување на работите во рамките на проектот „Преку енергетска ефикасност до намалена емисија на СО2 – намалени климатски промени“ што се спроведува преку канцеларијата на Министерството за образование и наука во соработка со Швајцарската агенција за развој.
Овој проект е финансиски поддржан од Општина Велес и треба да овозможи замена на светилките во училишниот објект, со што ќе се подобри осветлувањето на училниците, ќе се постигне заштеда на електричната енергија и ќе се намали штетното влијание на СО2 во воздухот. Со фирмата изведувач „Мега скоп“ ДООЕЛ Скопје договорено е работите да започнат наредната недела и да завршат до средината на месец август.
Во исто време во овој училишен објект, во тек се градежните работи за смена на кровната конструкција и прозорците. Веќе се завршени добар дел од планираните зафати, а останатото треба да се доврши до средината на месец август. Ова е проект на Министерството за образование и наука со кој ќе се подобрат условите за работа на околу 1300 ученици.