Се реконструира патот кон с. Иванковци

Во текот на вчерашниот ден започнаа градежните работи за реконструкција и асфалтирање на локалниот пат кон селата Иванковци и Мамутчево.  Сегашниот пат е изграден во далечната 1978 година, оштетен е на повеќе места поради што Иванковци и уште неколку други села се речиси отсечени од Велес. Покрај Иванковци, каде живеат 1.200 жители, со изградбата на овој локален пат ќе се поврзат и селата Мамутчево, Џидимирци и Крушје. Во моментов се работи на некаде околу 1.550 метри должина од овој локален пат. Целукпната должина на овој локален пат изнесува 10 километри.

На делницата претходно е извршено крпење на дупките и создавање на алтернативен пат за да може нормално да се одвива сообраќајот додека трае предвидената реконструкција. Откако ќе се заврши првата фаза од проектот треба ревизијата да го даде своето мислење по што ќе се премине кон реализирање на втората фаза за патот кон селото Иванковци. За целиот овој проект одобрени се околу 560.000 илјади евра, пари кои Владата на Република Македонија ги зема како заем од Светската банка за реконструкција и рехабилитација на патишта.  Инаку проектот за реконструкција на патниот правец кон с. Иванковци и проектот за реконстркција на локалниот пат кон селата Раштани и Бузалково се двата проекта кои на Општина Велес и беа одобрени од страна на Јавното претрпијатие за државни патишта.

Асфалтирањето на патот кон с. Бузалково беше завршено кон крајот на минатата година и чинеше негде околу 667.000 евра. Со реконструкцијата на локалните патишта кон с. Бузалково и с. Иванковци сите поголеми населени места во Општината Велес ќе бидат поврзани со асфалтни патишта.