Паркот во близина на ликовниот салон наскоро со нов лик
Денес (06.08.2013, Вторник) официјално започна реконструкцијата на паркот до ликовниот салон кој наскоро ќе добие нов лик и ново име „Парк на пријателството” во знак на пријателството помеѓу збратимените градови од Турција, Каршијака и Адалар.
И во едната и во другата општина живеат македонски иселеници. Голем дел од овие граѓани кои го креираат економскиот и политичкиот живот на Турција по потекло се од овие краишта.
Ова е основниот мотив што тие во своето родно место инвестираат во изградба на парк, за да не се заборави, да се даде благодарност кон родната земја, но и да се нагласи пријателската димензија на Турција и Македонија.
Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев на почетокот од изведувањето на градежните работи изрази убедување дека ова место ќе биде уште едно пријатно место за одмор и релаксација на сите граѓани, кои ќе имаат прилика многу наскоро да уживаат во него.
Инаку паркот целосно се гради и уредува од изведувач избран од донаторот кој е одговорен за носење и поставување на урбаната опрема, фонтаната, спомен-обејежјето и зелената површина.
Во рок од 70 дена треба да заврши целокупната реконструкција на новиот „Парк на пријателството” кој ќе добие сосема нов лик.