Велес го слави делото на заштитникот на градот Св. Пантелејемон
Во организација на МПЦ-Повардарска епархија и Општина Велес во црквата која го носи името на заштитникот Св. Вмч. Пантелејмон вчера со почеток во 19.00 се одржа празнична богослужба со која ќе чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г-дин Агатангел во сослужение со свештениците од Епархијата.
Откако се изврши поклон пред иконата на светителот, свое обраќање пред присутните имаше и градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, а потоа со свој настап се претстави црковниот хор Свети Кирил и Методиј. Присутните имаа можност и да го проследат играно документарниот филм „Македонска миланска скала посветен на црквата Свети Великомаченик Пантелејмон, едно од најубавите дела на неимарот Андреа Дамјанов.
Денес со почеток од 8.30 часот во храмот посветен на заштитникот на Велес ќе се одржи Архиерејска Божествена Литургија на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г-дин Агатангел.
За велешани овој храм има посебно значење, според пишаните документи во минатото кога во Велес царувала чумата и други болести неговите жители подигнувајќи му го храмот побарале од светецот Пантелејмон да ги заштити од сите зла. Тој тоа и го сторил а велешани во знак на благодарност светецот Пантелејмон го слават сите овие години но оставаат и аманет на помладите да ја почитуваат и продолжат традицијата на чествување.