Општина Велес е сопственик на нови административни простории

Со Одлука на Владата на Република Македонија од 30 јули 2013 година, на Општина Велес и се даваат на трајно користење без надомест простории што во минатиот период беа користени како воени мензи и како простории на резервните воени офицери. Оваа недвижна ствар е со вкупна површина од 167 м2 на две нивоа (116 м2 административен простор и 51 м2 подрумски дел). Во наредните денови ќе се преземат мерки и активности за ослободување на просториите од затекнатите материјали и предмети и ќе се премине на адаптирање на просторот. Општина Велес предвидува просторот да го намени и користи како административен простор за потребите на службата и за простории од јавен интерес за граѓаните.

 

Според квадратурата и движењето на пазарната цена, вредноста на овие простории се проценува на повеќе од 60 000 евра. Ова претставува дополнителен капитал за Општина Велес. Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев денес уште еднаш ја искористи приликата да изрази благодарност до Владата на РМ што во толку краток период додели неколку важни објекти на трајно користење на Општина Велес, меѓу кои се Градскиот стадион и Офицерскиот дом.