Претседателот на Советот на Општина Велес д-р Александар Колев ја закажа 7-та седница

Почитувани

Во интерес на транспарентноста и јавноста на работата на Советот на Општина Велес, сакам да ја известам јавноста дека во текот на вчерашниот ден (20.08.2013 г.) како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 7-ма седница. По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 27.08.2013 година (вторник) во просториите на Општина Велес со почеток во 09:00 часот.

За 7 седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1.Предлог-измена и дополнување на Буџетот на Општина Велес за 2013 година.

Согласно измените и дополнувањата на програмите за работа на Општина Велес за 2013 година донесени на седница на Советот на Општина Велес, се јави потреба од измени и дополнувања на Буџетот на Општина Велес за 2013 година. Ваквата измена на буџетот претставува редовна пракса во која што се ревидираат и усогласуваат буџетските приходи и расходи.

2.Квартален извештај за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2013 година до 30.06.2013 година.

Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Велес за извештајниот период е направен согласно Законот за финансирање на ЕЛС. Во овој извештај за временскиот период од 01.01. до 30.06.2013 година, се внесени податоците за планираните тековно-оперативни и капитални приходи и расходи на годишно ниво, а реализацијата е до 30.06.2013 година.

3.Предлог-одлука за утврдување на ценовник за користење на услуги од Територијалната протипожарна единица (ТППЕ) од Велес кои можат да се даваат на физички и правни лица.

Со оваа Одлука Советот на Општина Велес утврдува ценовник за користење на услугите што ги дава територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Велес на правни и физички лица. Под услуги што ТППЕ ги дава на правни и физички лица се: користење на противпожарно возило и друга техничка опрема како и одржување на теоретска и практична обука на правни и физички лица од областа на противпожарната заштита. Паричните средства од давањето на услуги и користењето на противпожарната опрема ќе се наменат за потребите на ТППЕ.
 
4.Предлог-одлука за усвојување на Локална стратегија за родова еднаквост 2013-2020 со Локален акциски план за родова еднаквост 2013-2016 и Оперативен план за родова еднаквост за 2013 година.

Локална стратегија за родова еднаквост 2013-2020 со Локален акциски план за родова еднаквост 2013-2016 и Оперативен план за родова еднаквост за 2013 година претставувааат стратешки документи на Општина Велес што се донесуваат со цел унапредување на еднаквите можности на жените и мажите во севкупното општествено живеење во општината за периодот 2013 - 2020 година. За Општина Велес која е една од водечките во Република Македонија по прашањето на родова рамноправност е од големо значење донесувањето на овие документи и нивната имплементација.

5.Предлог-одлука за усвојување на Локална стратегија за вработување 2013-2017 на Општина Велес.

Локална стратегија за вработување, претставува среднорочен стратешки документ за планирање на вработувањето во Општина Велес врз основа на кој ќе се подготовуваа Локален акционен план за вработување (ЛАПВ), Програма за вработување на Општина Велес, Програма за развој на високото и средното-стручно образование во општината и други оперативни документи. Оваа стратегија е стратешка рамка која ќе се имплементира преку проекти, планови и програми на општината. Таа е подготвена врз основа на анализите на пазарот на трудот извршени во изминатиот период, политиките кои се планираат за претстојниот период, стратешките документи на Општина Велес, како и планирањата за развој на Регионалната стопанска комора, Стопанската комора на РМ, Вардарскиот плански регион и Економскиот совет на Градоначалникот. За Општина Велес која е една од двете општини во Република Македонија со сертификат за општина со поволно бизнис опктужување, од голема важност е поседувањето и примената на Локалната стратегија за вработување и документите што произлегуваат од неа.

6.Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во општина Велес за 2013 година.

Со оваа измена на Програмата за изработка на урбанистички планови во општина Велес за 2013 година се предвидува изработка на нова локална урбанистичка планска документација за стопански комплекс со намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија на локалитет мв Ашауа КО Караслари. Подготовката на оваа планската докуметација започна поради интерес на странски инвеститори за изградба на објект со намена за лесна и незагадувачка индустрија во Општина Велес. Со предвидување на површините за градење во рамките на тој локалитет, Општина Велес и планирање на овој простор со горе наведената намена, значи голема како придобивка за зголемен економски развој на општината пред се и нови вработувања.

7.Предлог-решение за формирање на Комисија за спроведување на постапката за издавање под закуп на простории од објект. (од м.в.„Димитар Влахов“).

Согласно Одлуката за утврдување начин на времено користење административни и деловни простории од објект во м.в. „Димитар Влахов” сопственост на Општина Велес, донесена од Советот на Општина Велес на четвртата седница, Советот формира Комисија за спроведување на постапка за издавање под закуп на простории од објект. Комисијата треба да биде составена од 3 члена, од кои 2 члена се преставници на општинската администрација и 1 член е член на Советот на Општина Велес.

8.Предлог-решение за одобрување на средства од Буџетот на Општина Велес.

До Советот на Општина Велес, од жител на с. Бузалково беше поднесено барање за одобрување на средства, како помош поради пожар на семејна куќа. На седницата, советниците ќе ја утврдат висината на средствата со кои ќе се излезе во пресрет на потребата на овој жител на Општина Велес, предизвикана од несреќен случај.

9.Предлог-решение за давање согласност на Одлука за изнајмување на училишен простор на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Велес.

10.Предлог-решение за давање согласност на Одлука за изнајмување на училишен простор на ОСУ „Јовче Тесличков“ Велес.

Со донесувањето на овие Решенија се дава согласност на Одлуките за изнајмување на училишен простор сопственост на Општина Велес донесени од Училишните одбори при ООУ „Св Кирил и Методиј“ и ОСУ „Јовче Тесличков”. Притоа на училиштата им се овозможува да издаваат простор на начин и постапка спроведена транспарентно и јавно. По завршувањето на целокупната постапка, училиштата се должни до основачот да достават и извештај за изнајмувањето на просторот. Средствата собрани од издавањето на просториите ќе се користат за тековно одржување на објектите.

11.Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број наученици во ОСУ „Јовче Тесличков“ .

12.Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број наученици во ССОУ „Димитрија Чуповски“.

13.Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број наученици во ООУ „Св Кирил и Методиј“ .

14.Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број наученици во ООУ „Васил Главинов“.

15.Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број наученици во ООУ „Блаже Конески“ .

16.Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број наученици во ООУ „Благој Кирков“.

17.Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ „Јордан Х.К.Џинот“.

18.Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ „Рајко Жинзифов“ с. Долно Оризари.

19.Предлог-решение за давање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ с. Иванковци.

Пред почетокот на новата учебна 2013/2014 година и по завшрувањето на роковите за упис на ученици до Општина Велес се обратија општинските училишта за барање согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици од законски дозволениот минимум. Според Законската регулатива за основно и средно образование, основачот т.е. Советот на Општина Велес е надлежен за давање на согласности за формирање на паралелки со помал број на ученици од дозволениот минимум.

20.Информација за извршени работи и задачи на полициската станица Велес за периодот Јануари –Јуни 2013 година.

Согласно Законот за полиција, а врз основа на извршените работи и задачи од страна на ПС Велес во текот на 2013 година до Советот на Општина Велес доставена е информација за извршените работи и задачи на полициската станица Велес за периодот Јануари - Јуни 2013 година. На седмата седница, советниците ќе ја разгледаат оваа информација и ќе се произнесат по истата.

Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат ден пред одржувањето на седницата на Советот, Понеделник 26 Август 2013 година.

Ви благодарам!