Награда за животно дело „Петре Прличко“

ImageАктерот Благоја Спиркоски-Џумерко е првиот добитник на актерската награда за животно дело која го носи името на доајенот на македонскиот театар Петре Прличко. Одлуката на комисијата за доделување на наградата во состав: Зоран Љутков, Младен Крстевски и Југослав Петровски  пред претставниците на средствата за јавно информирање ја образложи , претседателот на Комисијата, актерот Зоран Љутков. Како што информираше Љутков, во најтесен избор на распишаниот кокурс влегоа тројца македонски актери. „Комисијата за доделување на наградата едногласно ја донесе одлуката првиот добитник да биде истакнатиот македонски актер „Благоја Спиркоски-Џумерко“, изјави Љутков.


ImageЗа актерската награда за животно дело која заеднички ја востановија Здружението на драмски уметници „Џинот“  Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов и Општина Велес, говореше градоначалникот Аце Коцевски. „Чест и задоволство е што градот Велес, домот на доајенот на македонскиот театар Петре Прличко и воопшто градот на зародишот на македонскиот театар востановува ваква награда од национален карактер“, рече Коцевски.

Драмскиот писател Југослав Петровски кој говореше во име на Здружението на драмски уметници „Џинот“ истакна дека целта на здружението во кое членуваат голем број драмски уметници од земјава е подигање на квалитетот на театарската уметност и заштита на правата на драмските изведувачи. „Оваа награда е дел од активностите на нашето здружение и верувам дека ќе живее и понатаму“, рече Петровски.

Image

Актерот Младен Крстевски во име на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, изрази надеж дека доделувањето на наградата Петре Прличко ќе заживее и ќе прерасне во значаен настан на полето на драмската уметност во Македонија.

Image

Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ се состои од плакета со ликот на Прличко и паричен износ во висина од 60.000 денари. Наградата на актерот Благоја Спиркоски Џумерко ќе му биде врачена во Велес, а по повод наградата Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе ја  одигра претставата „Железното пиле“ од Платнар во режија на Јордан Витанов. Благоја Спиркоски Џумерко ја игра насловната улога во претставата.