9-та сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мајстори”
Синоќа (22.08.2013) во куќата на Касапови, свечено беше отворена 9-тата по ред сликарско копаничарска колонија „Папрадишки мајстори”. Годинава втор пат Колонијата делува самостојнo. Истата по пат на делегирана надлежност, ја организира Здружението на граѓани „Папрадишки мајстори“. Организаторите на Колонијата оваа година имаат обезбедено учество на 15 сликари и 11 копаничари, но вратите на Колонијата за сите велешки уметници кои сакаат да дојдат и да се дружат со своите колеги се отворени. Учесниците се од Бугарија, Србија, Русија и Македонија. Сите заедно се сместени во куќите на уметноста, сликарите во куќата на Касапови а копаничарите, резбарите и скулпторите во куќата на Џинот. Од Буџетот на Општина Велес се издвојуваат 500.000 денари. Меѓутоа тоа се многу малку средства во споредба на богатството што останува за општината во уметнички дела.
Раководителите на Колонијата сега во својство на членови на ЗГ „Папрадишки мајстори“ се навистина мајстори на својот занает. Благодарејќи им ним и на заложбите, авторитетот и афирмацијата што тие ја прават за Колонијата, може да се каже дека велешката колонија е во самиот врв во РМ, рамо до рамо со кичевската, струмичката и ресенската. Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев денес при посетата на куќите на уметноста на гостите-учесници им посака да се чувствуваат пријатно во Велес, да останат засекогаш наши пријатели и пријатели на градот. –„Убеден сум дека домакините ќе им го покажат и Велес и окружувањето најубаво што можат. Имајте лесна рака, силна инспирација и убаво расположение” – истакна градоначалникот Славчо Чадиев. Вратите на куќите на уметноста од денес, па во наредните десет дена кога се затвора колонијата се отворени за јавноста и за посетителите.