Заврши 9-та сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мајстори”
Вчера (01.09.2013) во Куќата на Касапови, свечено беше означен крајот на 9-та сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мајстори”. По деветти пат куќите на Касапови и Џинот беа дом на големото семејство на сликари, копаничари, вајари и свратилиште за сите намерници, љубители на уметноста. Вкупно 26 уметници, 15 сликари и 11 копаничари од земјава и од странство, со нивните дела изработени во изминатите десетина дена ја дополнија уметничката ризница на Велес и станаа дел од плејадата творци трајно вградени во нашето културно милје.
На официјалното затворање на Колонијата Заменик-градоначалникот на Општина Велес, д-р Горан Јовиќ на учесниците им врачи благодарници и пригодни подароци со кои и симболично градот ја изрази благодарноста за новосоздадените дела. „Голема доблест е да се биде уметник и идеите од умот да ги пренесете на каменот, платното, дрвото. Оставајте печат од времето во кое живеете за идните генерации и работете со истиот жар како што тоа го направивте на оваа колонија. Бидете живи и здрави и да се видиме на наредната колонија” – истакна заменик-градоначалникот д-р Горан Јовиќ. Делата од деветтата Сликарско Копаничарска колонијата „Папрадишки мајстори“ традиционално пред граѓаните на Велес ќе бидат претставени на изложба на 9-ти Ноември, Денот на Општина Велес.