Интензивна меѓународна соработка
Делегација на Општина Велес ја посети Општина Перник , Република Бугарија
По повод 19 Октомври, Денот на Општина Перник, делегација на Општина Велес предводена од градоначалникот Аце Коцевски оствари еднодневна посета на оваа општина во Република Бугарија.
Делегацијата во која покрај градоначалникот, Општина Велес ја претставуваа Фехим Јусовиќ и Блажо Атанасов, членови на Советот на општината имаа можност да присуствуваат на одбележувањето на најголемиот празник на Општина Перник, воспоставен во чест на Св. Иван Рилски, светец и заштитник на Перник како и на сите Бугари.
Делегацијата на Општина Велес присуствуваше на свечената седница на Советот на Општина Перник како и на свеченото отворање на празникот каде покрај бројните гости, присуствуваше и господинот Ѓорги Прванов, претседател на Република Бугарија. Делегацијата проследи и други манифестации организирани по повод празникот на општината.
Во прилог на билатералната соработка, делегацијата на Општина Велес оствари средба со кметот на Општина Перник, инженер Антоанета Георгиева на која беа разменети мислења и искуства од развојот на локалната самоуправа во Бугарија и Македонија. На средбата, госпоѓа Георгиева покрена иницијатива за збратимување на двете општини.
На одбележувањето на Денот на Општина Перник присуствуваа и делегации од Руската Федерација, Република Србија и Република Црна Гора.