Велосипедистите пречекани од градоначалникот на Општина Велес

Денес (04.09.2013) во Општина Велес, градоначалникот Славчо Чадиев ги прими во посета велосипедистите кои учествуваат на велосипедската „Тура околу Македонија 2013“. Тој изрази големо задоволство од тоа што токму Велес е опфатен во „Турата околу Македонија“, во организација на Велосипедската Федерација и од можноста градот да биде нивни домаќин. „Ги поздравувам сите учесници, спортски работници, поединци и клубови што земаа учество во Велосипедскиот караван. Нивните заложби и посветеноста на тимовите кои раководат, ќе препознааат и поддржат уште многу талентирани велосипедисти. Продолжувајте ги спортските резултати и успеси на кои заеднички се радуваме.

Нека се множат уште многу државни и меѓународни натпревари а, Вие повторно бидете меѓу најдобрите.” – истакна градоначалникот Славчо Чадиев, честитајќи им го на велосипедистите досегашниот успех. Велосипедската „Тура околу Македонија 2013“ се одвива етапно во неколку денови во чест на одбележувањето на 8-ми Септември-Денот на независноста на Република Македонија. Првиот ден од возењето на релацијата Скопје-Кичево е натпреварувачки а додека останатиот дел од турата е во насока на промоција на велосипедизмот во Македонија. Велосипедската тура се реализира благодарение на поддршката од Владата, Агенцијата за млади и спорт, Републичкиот сојуз на спортови и локалните самоуправи во градовите каде што поминува турата. Целта е промоција на велосипедизмот и поволностите кои доаѓаат со возење на велосипед како што е зачувување на здравјето и зајакнување на спортскиот дух. Во турата учествуваат млади репрезентативци до 18 години кои ја користат шансата да се подготват за трката во 2014 година низ Македонија која ќе има натпреварувачки карактер и дневно се возат до 120 км. Трката официјално ќе заврши на 8-ми Септември а младите велосипедисти во текот на 6-те дена ќе поминат вкупно 700 километри и покрај во Велес ќе поминат и во градовите: Кичево, Охрид, Прилеп, Велес, Дојран, Штип и Скопје.