Соработка со ООУ „Благој Кирков” за проектот еко-училиште

Денес (10.09.2013) помеѓу градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев и директорот на ООУ „Благој Кирков”, Македонка Виларова, беше склучен меморандум за потребите на проектот „ Еко училиште“. Целта на овој меморандум е да се воспостави основа за заедничка соработка помеѓу општината и училиштето преку кој двете страни заеднички ќе се ангажираат и ќе соработуваат во постигнување на целите на проектот „Еко училиште” во соработката со Министерството за образование и Бирото за развој на образованието.

Преку овој меморандум за соработка Општина Велес се обврзува да даде своја поддршка во реализирањето на еко-акции во организација на ООУ „Благој Кирков”, во заеднички еко-акции при одбележувањето на деновите на екологија како и назначување на свој преставник во еко-одборот на училиштето. Целта на оваа соработка е да им се овозможи на учениците од училиштето да ги подобрат условите во кои живе и во кои учат, учениците да ја разберат важноста на подигнувањето на еколошката свест, да им се помогне на училиштата во спроведувањето на еколошките акции, во едукацијата на идните граѓани за свесно и совесно однесување кон животната средина. Ваков проект е потребен да се спроведе и низ сите училишта бидејќи со ваквите иницијативи се превземаат директни активности за еко-едукација на учениците уште од мали нозе. Општина Велес во иднина ќе ги поддржува ваквите иницијативи на сите училишта кои се спремни да го имплементираат овој проект.