Презентација на активните мерки и програми за вработување
Денес (11.09.2013) во Oпштинa Велес се одржа Форум на работодавачите од општината со преставници на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, како и претставаници од локалната самоуправа. На самиот почеток присутните ги поздрави Градоначалникот Славчо Чадиев изразувајќи голема поддршка за презентацијата на оперативниот план на активни мерки и програми за вработување во 2013 година. Меѓу другото Градоначалникот Чадиев истакна дека е особено задоволен од тоа што Општина Велес е една од првте општини во државата каде што се одржува форум од ваков тип, во кој работодавачите одблиску ќе можат да се запознаат со активните мерки за намалување на невработеност.
На презентацијата која што се одржа во просториите на општината, покрај градоначалникот Чадиев, присуствуваа и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, раководителот на подрачната единица на агенцијата во Велес, Пепица Амбаркова, преставници од Министерството за труд и социјална политика и Националниот совет за претприемништво и конкурентност како и дваесеттина претставници на бизнис секторот. Во насока на јакнење на соработката во планирањето и имплементирањето на политиките за вработување на локално ниво, на присутните работодавачи им беа презентирани активните програми и мерки за вработување. Истовремено, работодавачите имаа можност да дадат свои забелешки, предлози и сугестии, кои што можат да бидат вградени во Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување за 2014 година.