Министерот Миле Јанакиески во посета на Општина Велес
Денес (четврток, 12.09.2013 година) во работна посета на Општина Велес престојуваше Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески при што оствари средба со градоначалникот Славчо Чадиев во однос на реализацијата на актуелните проекти во општината. На средбата беше дискутирано за повеќе прашања меѓу кои и за легализацијата на дивоизградените објекти, процес во кој околу 3.000 семејства се уште немаат доставено геодетски елаборати. Министерот Јанакиески ја искористи можноста да апелира до граѓаните и да ги потсети дека до 18-ти јуни е рокот кога треба да се достават елаборатите, а доколку тоа не го сторат ќе го загубат правото на легализација на објектите. Меѓу другото тој напомена и дека за 50 проценти се намалени цените за изработка на елаборатите за корисниците на социјална помош, а што е олеснителна околност за овие социјално загрозени семејства. Во поглед на проектот за реализација на водоводни и канализациони мрежи кој министерството го спроведува со европската инвестициона банка, Јанакиески истакна дека очекува во иднина од страна на Општина Велес во соработка со Месните Заедници и со Советот до Министерството за транспорт и врски да достават нови проекти за да се искористат средствата од 1.500.000 евра, пари со кои општината може да располага за таа намена, а за тоа досега се искористени само 300.000 евра.
Во наредниот период следи и започнувањето на реконструкцијата на патот Велес-Кадрифаково. Овој проект треба да започне од месец Септември а ќе се спроведува преку ЈП за државни патишта. Заклучно со месец Октомври треба да започнат и реконструкциите на локалните патишта кои се исто така дел од проектот со Европската инвестициона банка.
Значајно е да се напомене и дека овој месец а најдоцна до почетот на наредниот се очекува да биде објавен јавен повик за реконструкција на десет железнички станици во Македонија, меѓу кои и онаа во Велес. Оваа реконструкција на железничката станица во Велес ќе биде од големо значење за граѓаните, имајќи го во предвид големиот број на патници кои секојдневно го користат железничкиот превоз.
На прес-конференцијата министерот Јанакиески меѓу бројните проекти кои ги напомена, најави и дека со пет дирекни автобуски линии од Велес за Скопје ќе се реши проблемот на велешани околу недостаток на автобуски превоз. Тој истакна дека по иницијата на пратеникот од Велес, Илија Димовски е променет Законот за превоз со што на 1 октомври ќе има јавен повик за нови компании кои се заинтересирани за новите автобуски линии. Повикот ќе трае два дена а очекувањата се дека кон крајот на октомври пет нови автобуски линии кои дирекно ќе поаѓаат од Велес.
Исто така пред десетина дена по барање на градоначалникот Славчо Чадиев, министерството за транспорт и врски даде согласност за измена на генералниот урбанистички план (ГУП) за Велес со што се забрзува постапката за отварање на нови индустриски зони а со тоа и намалување на проблемот со неработеноста. Министерството за транспорт и врски како и досега, така и понатмау ќе излегува во пресрет на ваквите барања на Општина Велес кои се во насока на забрзан економски развој. Воедно беше кажано и дека наскоро во Велес ќе се гради и една нова бензинска пумпа која е една од десетте ново планирани во земјава.
На министерот Јанакиески, од страна на градоначалникот Славчо Чадиев му беа воочени и проблемите со кои општината се соочува но и сето она што досега е реализирано како и тоа кои се зацртаните проекти во иднина. Градоначалникот Чадиев информирашe дека Општина Велес работи на изготвување проектна документација за санација на мостот „Гемиџии“, а ќе се направат и испитување на останатите мостови во општината. Овој период интензвино се работи на реконструкцијата на патот до с. Ораовец, на на проектот за индустриската зона во Караслари, а наскоро ќе се работи и за нова индустриска зона на потегот под кланицата „АГРИА“ во месноста Бабуна. Токму изградбата на новите индустриски зони се конкретен чекор во привлекувањето на странските но и домашните инвеститори кои со себе ќе донесат нови вработувања.