Од Министерството за транспорт и врски е добиена согласноста за промена на Генералниот урбанистички план на просторот каде што се наоѓа „ТОПИЛНИЦАТА"

Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, денес на пресконференција објави дека по доставеното барање на општинската администрација, на 04.09.2013 година од страна на Министерството за транспорт и врски е добиена согласноста за изменување и доплнување на Генералениот урбанистички план на град Велес, дел од урбана единица 1 блок 1А и 1Б, Општина Велес а кој се однесува на просторот каде што се наоѓа „топилницата”. Со добивањето на оваа согласност од Министерството за транспорт и врски за промена на ГУП-от за „топилница” се завршува постапката во Министерството.

За конечно усвоjување на генералниот урбанистички план, по добивањето на соглсноста, Советот на Општина Велес на 8-мата седница закажана за 20.09.2013 година (петок) треба да ја донесе последната одлука за измената и дополнувањата на планот.

Со тоа се завршува целокупната процедура за бришење на „топилницата” од планската документација и пренамена на просторот во заштитно зеленило. Инаку со овој план предвидено на планскиот опфат од 45 хектари е да се посадат дрвенести и грмушести растенија на локацијата на која во моментов се наоѓаат погоните и јаловината, додека на преостанатиот дел од локацијата е зацртано да се изгради сообраќајна и комунална инфраструктура. Бришејќи ја „топилницата” од планската документација практично ставен е крајот на децениската борба на велешани за здрава животна средина. Граѓаните на Велес ја обезбедија најголемата победа. Велес дефинитивно ќе се развива како чист еколошки град.