Технолошко-техничкиот факултетет од Велес доби нов објект

Денес (17.09.2013) на првиот академски час свечено беа пуштени во употреба новите простории на Технолошко-техничкиот факултет со седиште во Велес. Стартот со работа на новиот објект го означија, министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, ректорот на универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Златко Жоглев, деканот на Технолошко-техничкиот факултет во Велес, Валентина Павлова и градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев кои на студентите им посакаа усшено завршување на академскиот потфат. Пред неколку години кога Општина Велес го доби во владение овој објект тој веднаш беше отстапен за потребите на високото образование во градот, а Министерството за образование и наука потоа го адаптираше просторот за изведување на настава.

Денес овој репрезентативен објект содржи четири предавални, три лаборатории, еден компјутерски центар и канцеларии за администрацијата. Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев при предавањето во употреба на новте простории, истакна дека е особено горд што во Велес продолжува развојот на високото образование, особено сега кога Министерството за образование и наука објектот на поранешниот хотел „Вила Зора“ го пренамени во студентски комплекс. –„Ова со сигурност значи дека Велес го добива атрибутот студентски град, што и апсолутно му припаѓа. Овде е зародишот на македонскиот образовен систем. Од Џинот и неговото прво училиште на македонски јазик и преку првата Гимназија на Балканот, останува на оваа генерација велешани да продолжат да ја градат, да ја надополнуваат и развиваат образовната линија. Историјата го поставила Велес во центарот на образовните текови, а наше е таму да го сочуваме. Одтука, а и од основната определба да им создадеме што поголеми услови за образование и сигурна иднина на младите генерации, Општина Велес интензивно работи на создавање услови за развој на високото образование”. – напомена градоначалникот Чадиев.

Овој објект е современ и истиот инфраструктурно ги задоволува сите критериуми за работа и образование а како инвестиција изнесува 6 милиони денари, средства кои беа употребени за целосна реконструкција и пренамена во образовна институција. Ова го изјави министерот за образование и наука, Спиро Ристовски кој воедно додаде дека во иднина очекува овој објект да прерасне во студентски кампус со сместување и исхрана на студентите од страна кои престојуваат во Велес образувајќи се на некои од петте факултети кои работат овде. Инаку, Технолошко-техничкиот факулет од Велес е во склоп на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола отворен пред 5 години со две студиски програми: нутриционизам и прехранбена технологија и биотехнологија. Денес, новата учебна студентска година во новиот објект ја започнаа 55 бруцоши на двата смера. Досега на Техничко –Технолошкиот факултет во Велес студираат 400 студенти. За пет години дипломирале 36 студенти, а веќе 30 од нив се запишале на постдипломски студии.