Топилницата во Велес повеќе не постои во планската документација

Топилницата во Велес повеќе не постои во планската документација на Општина Велес. Со измената на генералниот урбанистички план која денес едногласно беше усвоена од страна на советниците, фабриката се брише од сегашната локација. Претходно, пред само две недели промената на генералниот план на градот ја одобри и министерството за транспорт и врски. Процедурата за промената на ГУП Советот на Општина Велес ја започна во 2008-тата година за по пет години правна битка и докажување пред надлежните државни институции се прифати новиот план на градот, со кој не е предвидено загадувачка индустрија во околината на градот.

На ова место според новиот план, наместо фабрика е предвиден зелен појас. Површината од 45 хектари ќе се зазелени со трева и грмушести растенија. Тоа ќе овозможи целосна ревитализација на локацијата која е контаминирана со тешки метали олово, цинк, арсен, кадмиум, бакар поради 30 годишното загадување на воздухот, водите и почвата на Велес.

Пренамената од тешка индустрија и лесна индустрија, складишта, магацини во заштитно зеленило ќе придонесе кон ублажување на последиците од историското загадување на животната средина и намалување на ефекти врз почвата и подземните води, спречување на разнесувањето на загадувачките материи во пошироката околина на градот Велес.

Велешани ја добија децениската битка за здрава животна средина, но остануваат посветени се до трајното решение на проблемот. Во наредниот период потребно е чистење на почвата од тешките метали олово и кадмиум кои Топилницата ги остави како наследство за три децениското работење, како и големиот рид со згура и јаловина остаток од работата на некогашниот индустриски гигант.