За чиста животна средина – секаде со велосипед
Денес, 23 септември 2013 година, ООУ „ЈХК – Џинот” ја реализираше еколошката активност „За чиста животна средина – секаде со велосипед” во склоп на одбележувањето на светскиот еколошки ден 22-ри септември – Ден без автомобили. По тој повод училиштето организираше возење со велосипеди низ дел од градот. На акцијата учество зема и градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев кој ја предводеше колоната од велосипедисти. Тој воедно изрази особено задоволство што е дел од една ваква позитивна акција во која се промовира возењето на велосипед а со тоа и зачувување на чистиот воздух и здравата животна средина.
„Иако конфигурацијата на теренот не му одговара на Велес да биде лидер во велосипедизмот, сепак најголемите македонски велосипедски асови се токму од нашиот град. Затоа еве уште една можност да го промовираме велосипедот како економично, здравствено подобно и ефикасно превозно средство. Упатувам честитки до учениците на ООУ „ЈХК Џинот“, до сите учесници на отворениот училишен ден посветен на здравата и чиста животна средина, но и до менаџерскиот тим на училиштето што го промовира велосипедот како превозно средство”. – истакна градоначалникот Чадиев. И оваа година, манифестацијата имаше ревијален карактер и во неа бе вклучени учениците од град Велес, родители, наставници и сите заинтересирани граѓани кои претходно беа повикани преку јавен повик. Акцијата „За чиста животна средина – секаде со велосипед” од година на година станува традиција како и белег не само за училиштето „ЈХК Џинот” туку и за градот воопшто. Општина Велес во континуитет ги поддржува овие акции што создаваат позитивни навики кај децата и го стимулираат здравиот и безбеден начин на живот.