Ново спортско игралиште во близина на автобуската станица
Денес (24.09.2013) во близина на автобуската станица од левата страна на градот беше промовирано новото спортско игралиште за фудбал и баскет, проект за кој Општина Велес издвои 1.4 милиони денари. Денес во посета на ова игралиште беше претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев кој и самиот ги испроба кошевите за баскет. Тој истакна дека е задоволен од она што го гледа, а истовремено најави и комплетно уредување на целокупниот простор.
„Ова спортско игралиште со повеќекратна намена е изградено пред се за младите од левата страна на Вардар каде конфигурацијата на теренот не остава многу простор меѓу густо населените брегови на Вардар да се изградат вакви спортски терени. Она што следи е доуредување на непосредната околина со зеленило и урбана опрема и уредување на паркинг просторот. Знаете дека пред неколку дена се предаде во употреба реновираниот објект на хотелот „Вила Зора“ на Технолошко-техничкиот факултет. Во непосредна близина се сместени и другите факултети што имаат дисперзирани студии во Велес. Тоа значи фрекфенција на млади луѓе на кои исто така овој спортски објект им е на располагање”. – изјави претседателот на Советот, Александар Колев, според кого е добредојдена ваквата изграбда на игралиштето од левата страна на градот, судејќи според реакциите на граѓаните. Општина Велес ќе продолжи и понатаму секаде каде што тоа просторот го дозволува да создава услови за спортување и рекреирање кои се повеќе од потребни за младите, за здрав развој, игра и дружење.