Општина Велес учесник на интернационалниот саем НЕКСПО 2013
Oпштина Велес од 25-27 септември учествува на вториот меѓународен саем на општини НЕКСПО 2013, на кој се очекува присуство над 4000 претставници на општини, бизниси, асоцијации и развојни програми. Саемот е во организација на мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа (НАЛАС), а се одржува Ријека и Опатија, Хрватска. НЕКСПО 2013 се одвива под мотото: Трасирање на патот кон ЕУ интеграција. Генералната тема е ЕУ интеграција, додека подтема е Енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија - на оваа тема ќе има серија работилници, како и спојување на општините со бизнис секторот. Партнери на НАЛАС во организација на НЕКСПО 2013 се Асоцијацијата на градови на Хрватска (чиј Претседател е Градоначалникот на Ријека), Асоцијацијата на општини (чиј Претседател е Потпретседател на НАЛАС), како и градовите Ријека и Опатија, а целиот настан се одвива под покровителство на Претседателот на Република Хрватска.
Општина Велес која е сертифицирана како бизнис пријателска општина во Југоисточна Европа на овој саем е предводена од градоначалникот Славчо Чадиев. На саемот е поставен сопствен штанд со своја понуда на сите капацитети за привлекување на странски инвестиции како и развој на регионалната соработка со општините од Југоисточна Европа.
Во текот на вчерашниот како дел од саемската манифестација се одржа и конференција на тема: Патот кон ЕУ интеграција-отстранување на пречките, ослободување на нашиот потенцијал. На конференцијата учество земаа 300-400 градоначалници, претставници на ЕУ, Асоцијации, итн.
Исто така во склоп на Саемот на локалните самоуправи НЕКСПО, лидерите на локалниот економски развој од Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија денес ќе ги вкрстат перспективите за деловните услови во општините и градовите од jугоисточна Европа и значењето што го има програмата за Сертификација на општини со поволно деловно опкружување (BFC SEE) за воведување на стандард за ефикасна локална администрација.
Во оваа прилика институциите од регионот ќе потпишат и Договор за воспоставување прва Регионална мрежа за поволно деловно опкружување, со цел унапредување на конкурентност на локалните самоуправи и промоција на инвестиции во jугоисточна Европа.
Во рамките на посетата на саемот НЕКСПО 2013, градоначалникот Славчо Чадиев оствари посета и на збратимениот град на Самобор каде што имаше прилика да се сретне и да поразговара со неговиот колега, градоначалникот Крешо Бељак. На средбата беа разменети информации и искуства за работењето на двете збратимени општини како и некои предлози и идеи за понатамошна меѓусебна соработка на заеднички проекти.