Заврши асфалтирањето на патот до с. Ораовец

Денес (30.09.2013) завршија градежните активности за асфалтирање на патот кој води до с. Ораовец. Механизацијата на фирмата избрана за реконструкција на патот до ова велешко село, Изолација ДС од Скопје, заврши со асфалтирање на планираните 1.500 метри (5.686 м2) од делницата. Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев и неговиот заменик д-р Горан Јовиќ лично присустуваа на крајот од реализацијата на овој долго очекуван проект. Тој беше финансиран од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, врз база на претходно одобрен проект на Општина Велес. Неговата вкупна вредност изнесува 10.974.007 денари (со ДДВ), од кои 85 % се обезбедени од Агенцијата, а останатите 15 % од средствата ги обезбеди општината. Градежните работи за асфалтирање на патот до селото Ораовец, кое се наоѓа на надморска височина од околу 460 метри, траеја 30-тина дена, а комплетното завршување на целосниот проект се очекува да финишира во наредните 15. Во наредниот период, Општина Велес ќе превземе и активности за изградба на канал за наводнување во должина од 250 метри кој ќе ја собира изворската вода што минува низ селото. На овој начин се отвора можноста за развој на планинскиот и етно туризам. Климата и географската местоположба, богатството на растителен и животински свет, но и добрата инфраструктура се одлична основа за развој на овој вид алтернативен туризам кој е доста значаен за нашата општина и држава воопшто. Инаку селото Оравец има и славно револуционерно минато. Во него се наоѓаат и вечните почивалишта на двајцата велешки илинденци, гемиџијата Милан Арсов и војводата Јован Наумов-Алабакот.