Брајов печатар за Здружението на слепи од Велес

Многу задоволство, гордост и радост за постигнатиот успех имаше денес на промоцијата на брајовиот печатар чија набавка Општина Велес ја финансираше за потребите на Здржението на слепи лица од Велес. „Слепите, глувите и наглувите, телесните инвалиди и сите лица со инвалидност не се надвор од нас. Тие се рамноправни граѓани, наши партнери и пријатели. Се гордееме со нивните успеси, се фалиме пред светот со нивната креативност и способност“ – рече на промоцијата Градоначалникот Славчо Чадиев и порача: „Првата отпечатена книга со брајово писмо – „Солунските атентатори“ нека започне да ја полни библиотеката со брајово писмо и нека допре до сите корисници на оваа интернационална азбука“.

Директорот на Локалната библиотека Игор Крајчев при помовирањето на книгата „Солунските атантатори“ ја запозна јавноста дека од денес во библиотеката постои посебно катче, со книги отпечатени со брајово писмо, што го носи името на нашиот сограѓанин Ратко Пајдаков, човекот што ја воведе брајовата азбука во здружението во Велес и ги обезбеди првите 10 книги со браево писмо за неговите членови. Од здружението на слепи пак беше истакнато дека Општина Велес е првата општина во Република Македонија што набавила брајов печатар и изразија задоволство од поддршката што ја добиваат како од Градоначалникот, така и од Советот на Општина Велес.