СТИПЕНДИИ ЗА ТАЛЕНТИРАНИ УЧЕНИЦИ И СТУДЕНТИ

Советот на Општина Велес именуваше Комисија за стипендирање на талентирани студенти која на денешната прва седница избра свој претседател. Toa e Бошко Караџов, доктор на Филозофски науки и доцент при Универзитетот „Евро Балкан“ - Скопје. На оваа седница се донесе и Програмата за работа на Комисијата за оваа година и се распиша Конкурсот за учебната 2013/14 година.  Претседателот на комисијата, Бошко Караџов истакна дека оваа година од буџетот на општината се доделуваат вкупно 16 стипендии – 8 за ученици и 8 за студенти. Но доколку се обезбедат спонзори, овој број може и да се зголеми. Услов за добивање стипендија за средношколците е завршена втора година од школувањето, континуиран одличен успех и награди добиени на меѓународни и државни натпревари. Висина на стипендијата 1500 денари месечно, девет месеци во годината.

За студентите услов е завршена најмалку една година од студирањето и просек најмалку 9.00. Стпендијата изнесува 2000 денари, девет месеци во годината. Социјалниот момент не е пресуден во добивањето на стипендијата и одлучува само во случај кога има поголем број кандидати со ист успех. Право на учество имаат исклучиво кандидати жители на Општина Велес. Конкурсот е отворен од 10-30 октомври 2013.