Се реконструира патниот премин преку Стар мост

Денес (02.10.2013) започна предвидената реконструкција на поплочените површини на патниот премин преку Стар мост. Со реконструкцијата ќе се изврши поплочување со бекатонски елементи на околу 200 м2 од преминот, а ќе се заменат и ивичниците на тротоарите. Желензничката линија ќе биде уредена и нивелирана од страна на Македонски железници. Овој градежен зафат на патниот правец е предвиден во Програмата за уредување на градежно земјиште и изнесува околу 250.000 денари, а го спроведува спроведува фирмата „Урбан Инвест“.

Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев денес од лице место го следеше текот на извршување на градежните работи. Тој истакна дека оваа реконструкција се појави како неопходна бидејќи токму овој премин беше најоштетен, а воедно е и најфрекфентен за возила и пешаци. Со овој проект ќе се реши и проблемот со атмосферските води кој се појавуваше на преминот при поројни дождови. Во наредниот период, исто така ќе се пристапи и кон реконструкција на преминот преку мостот „Гемиџии” а проценка ќе се направи и на останатите мостови. Инаку поради непречено одвивање на работите сообраќјот за време на денешниот и утрешниот ден ќе се пренасочува преку мостот „Гемиџии”.