Објавени конкурсите за Деветоноемвриските награди и признанија
Денес (03.10.2013) на пресконференција, заменик-градоначалникот и претседател на комисијата за општенствени дејности, д-р Горан Јовиќ, информираше дека на вчерашната седница надлежната комисија, согласно прописите за работа, покрена иницијатива за прибирање предлози за доделување на Деветоноемвриски признанија и награда за животно дело „Гемиџии“ за 2013 година. Признанијата 9-ти Ноември се доделуваат на поединци, органи, организации, здруженија на граѓани и заедници чие дело и постигнати резултати се од значење за Општина Велес и нејзината афирмација во земјата и светот. Наградата за животно дело „Гемиџии“ се доделува на поединци за постигнати резултати во развојот и афирмацијата на Велес во државата и надвор од неа. Оваа награда е парична и е во висина на три просечни плати.
Исто така, Комисијата за општествени дејности покрена иницијатива и за прибирање предлози за доделување на награда на Општина Велес за најстудент „Проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2013 година.
Награда на Општина Велес за најстудент „Проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ се доделува на студент од Општина Велес со завршена најмалку втора година од студиите на некој од универзитетите во Република Македонија и акредитираните универзитети во земјата и странство.
Кандидатот за награда на Општина Велес за најстудент „Проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ треба да ги исполнува следните услови:
Да е жител на Општина Велес и да има просечен успех во текот на целото студирање од најмалку 9,5.
И оваа награда е парична и е во ист износ како и наградата за животно дело „Гемиџии”.
За двата конкурса, предлозите се доставуваат до Совет на Општина Велес, Комисија за општествени дејности на ул. „Панко Брашнар“ бр.1 Велес или лично најдоцна до 25-ти октомври 2013 година.