Помош од општината на децата без родители и без родителска грижа
И оваа година, согласно Програмата на Општина Велес за социјална работа, се доделува помош од општината на децата без родители и без родителска грижа на почетокот на учебната година. Денес градоначалникот на Општина Велес на преставниците од Центарот за социјални работи им го врачи чекот со предвидените средства. До сега помошта се состоеше во училишен прибор. Оваа година за прв пат тоа е помош на старателите и згрижувачките семејства во парични средства.
Износот е 2.000 денара по дете за да може да му се обнови гардеробата за на училиште или да му се купи она што му е најпотребно. Корисниците ги определува Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. Годинава бројката на деца е 21 кои се на школска возраст од основно и средно образование. Инаку Локалната самоуправа од Велес е една од ретките во државата која со години ги помага децата без родители.