Уметноста во помош на лицата со попречености
Здружението на лица со церебрална парализа од Велес на 14.10.2013 год. со почеток во 18.00 часот во Ликовниот Салон организираше Аукција на уметнички дела. Аукицата на уметнички дела „Подајте рака – уметноста во помош на лицата со попречености”, е активност која ги промовира правата на лицата со попречености и нивна инклузија во општествениот живот. Средствата од порадедените уметнички дела се наменети за продолжување на активностите на „Сервисот за домашна поддршка и посета на лица со попречености” во Општина Велес и Чашка.
„Нема поубаво и повозвишено чуство од она кога знаете дека денес сте направиле добро дело. Токму денес на овој ден некому сте му подариле внимание, љубов и среќа. Чуството на задоволство е повозвишено и поголемо кога знаете дека се помогнале на Вашиот сосед, на брат или сестра, на Вашиот другар или другарка,кога сте помогнале на некому на кого Вашата помош му значи се“ истакна Далиборка Златева раководител на здружението на лица со церебрална парализа.
На аукцијата уметничко дело купи и градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев. Во иднина тоа дело ќе ја краси Градската куќа која треба да се наоѓа на просторот на поранешниот Офицерски дом. Благодарница за искажаната помош и поддршка на настанот доби и Општина Велес во чие име ја прими градоначалникот Чадиев.