Нова енергија во заштитата на урбаната архитектура
Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство, на 15 октомври годинава одржа собрание во просториите на Општина Велес. На собранието, за нов претседател на Асоцијацијата е избран м-р Славчо Чадиев, Градоначалник на Општина Велес, а за членови на Извршниот одбор М-р Илчо Захариев, Градоначалник на Општина Штип, Никола Бакрачески, Градоначалник на Општина Охрид, Мите Андоновски, Градоначалник на Општина Кратово и Драги Наџински, Градоначалник на Општина Берово. Собранието ги избра и членовите на Надзорниот одбор: Зоран Дамјановски, Градоначалник на Општина Куманово, Марјан Ристески, Градоначалник на Општина Прилеп и Горанчо Пановски, Градоначалник на Општина Чашка. За првпат од основањето Асоцијацијата избра Стручен координатор и стручен координативен тим.
Во наредните 4 години оперативното функционирање на асоцијацијата ќе го координира проф. Гоце Хаџи Митревски, а ќе му помагаат архитектите од општините Велес, Штип, Кратово, Берово и Прилеп. Неопходноста од промена на законската регулатива, образование на младите архитекти, зајакнување на соработката со националните институции за заштита на културното наследство беа само дел од темите што ги разгледаа членовите на собранието. Присутните дискутираа и околу перспективите за продолжување на соработката со Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност, учество во национални и меѓународни проекти и потребата од сензибилизација на населението. Со констатација дека е неопходна нова енергија во оваа специфична област на децентрализација, учесниците на собранието заклучија дека грижата за архитектонското наследство мора да вклучи урбанистичко планирање кое ќе допре до жителите во урбаните и руралните средини. На редовното собрание на асоцијацијата учествуваа стручни лица од 7 македонски општини.