Став на Општина Велес во врска со дислокацијата на спомен-обележјата

Почитувани,

Општина Велес се оградува од сите обиди за политизирање на проектот Алеја на великаните на Спомен-костурницата. Тоа е проект чија цел е достојно обележување и почит на жртвата на велешките херои и секое влегување во политички пресметки на сметка на нивното херојско дело за нас е непотребно. Заради доследно информирање на јавноста уште еднаш ќе дадеме хронолошки приказ на настаните поврзани со реализацијата на овој проект, за граѓаните на Велес сами да можaт објективно да проценат.

Сојузот на борците од НОАВМ до Општина Велес има доставено две барање за дислокација на бистите на Спомен-костурницата од кои првото е на 17.05.2013 година.

Врз основа на нивните барања, таквата иницијатива беше ставена како предлог точка на дневниот ред на 9-тата седница која се одржа на 29.09.2013 година. На истата седница, советничката група на СДСМ побара повлекување на оваа точка поради потребата од дополнителна координација која тие ја наведоа како причина.

Советот на Општина Велес и градоначалникот го прифатија барањето на СДСМ и се согласија, инцијативата на боречката организација да се најде на дневниот ред од 10-тата седница.

На 07.10.2013 беше свикана 10-тата седница на Советот која се одржа на 14.10.2013 година. На неа како прва точка се најде Предлог-одлуката за давање согласност за преместување на спомен обележјата - постоечки бисти од Младинскиот парк и Паркот на хероите пред Ликовниот салон и нивно поставување пред спомен обелжјето Костурница.

На 13.10.2013 година, ден пред одржувањето на оваа седница, СДСМ достави амандман против поставување на бистите на Спомен-костурницата, а притоа на седницата не присуствуваа и не го образложија.

Барањето од Сојузот на борците за стопирање на постапката за дислокација на бистите до Општина Велес беше доставено на 14.10.2013 за време на одржувањето на 10-тата седница.

Општина Велес нема да навлегува во причината зошто Сојузот на борците достави барање за стопирање на дислокацијата и откажување од нивната претходна иницијатива, само еден ден после предложениот амандман на СДСМ, а на самиот ден на одржување на седницата.

Во интерес на зачувување на придобивките од периодот на македонската историја упатуваме апел до сите политички субјекти и здруженија на граѓании да не се политизира придонесот на учесниците во НОБ. Општина Велес во континуитет се грижи за достојно негување и одбележување на личностите и настаните од периодот на НОБ. Наша должност е така и да продолжиме.

Со почит,
Општина Велес