Нова донација на 3500 книги од Владата за велешката библиотека

Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев заедно со директорот на велешката локална библиотека „Гоце Делчев“, Игор Крајчев денес (17.10.2013) ја промовираа донацијата од нови 3500 книги на стручна литература добиени од страна министерството за образование односно Владата на Р.М. Донацијата е добиена во два наврати и тоа во август од околу 2500 книги и во септември од околу 1050 книги.

Како институција, Локалната библиотека „Гоце Делчев“ е насочена кон унапредување и поттикнување на современото образование. Во таа насока сите ученици, студенти, постдипломци и докторанти, имаат можност да ги користат овие наслови во своето образование со цел издигнување на степенот на своите познавања на едно ново, светско рамниште и со тоа секако, како професионалци и интелектуалци да станат поконкурентни на пазарот на трудот.

Претседателот на Советот, д-р Александар Колев на денешната промоција истакна задоволство што книгите ќе бидат достапни на велешани и потенцираше дека проектот кој Владата го спроведува е од исклучително значење за образованието на младите во Македонија но и за Велес кој се стреми да го добие епитетот студентски град. „Со тоа што оваа литература се воведува во образовниот процес на нашите факултети ,тоа го подигнува нивниот рејтинг ,а дипломата добива на значење„ напомена претседателот Колев. Општина Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“ ја искажуваат својата благодарност за донацијата кон Министерството за образование и Владата на Република Македонија со надеж дека овој благороден и корисен проект, ќе продолжи и во иднина.