Oтворен 11-тиот Меѓународен салон на стрип
Во Ликовниот салон во Велес на 18.10.2013 година свечено беше отворен 11-тиот јубилеен Меѓународен салон на стрип. На свеченоста беа доделени наградите по распишаниот конкурс за стрип „Велес 2013‘‘. Годишното признание за развој и афирмација на македонскиот стрип „Љупчо Филипов“ го доби Оливер Ромевски, специјалното признание за исклучителна помош и соработка дадена на македонскиот стрип му припадна на Марко Стојановиќ од Лесковац, Србија, а на овогодинешниот меѓународен конкурс „Златен стрип“ во конкуренција од 164 стрипа за победник е избран Даниел Атанасов од Бугарија.
Манифестацијата која од година во година преминува во традиција за отворена ја прогласи министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, притоа честитајќи им на наградените за најдобрите стрипови. „Мислам дека Велес е единствен во негувањето на стрип културата и поради тоа во иднина ќе се обидеме повеќе да ја помогнеме финансиски и логистички оваа гранка, а на работниот состанок, кој го имавме дојдовме до идеја да спроведеме и проект за откуп на авторски права на познати стрипови преведени на македонски јазик“, истакна Канческа - Милевска.
Учесниците на 11-тиот Меѓународен салон на стрип ги поздрави и градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев. „На годинешниот Салон за стрип повторно имаме богатство на дела на автори од целиот свет . Ова покажува дека јазикот на стрипот е универзален и не познава граници. Бројките покажуваат дека Салонот на стрип созрева, расте и добива во квалитет и реноме за наша радост и за среќа на организаторите“, истакна Чадиев. Стрип салонот „Велес 2013“ со повеќе гости од Бугарија, Германија, Украина, Србија, Косово и Македонија и стрип работилници, стрип берзи и стрип разговори ќе работи денеска и утре во Ликовниот салон во Велес.