Одбележан Денот на македонската ревоулционерна бoрба
Денес (22.10.2013) со свечена академија во салата „Бели Мугри”, Општина Велес го одбележа 23-ти октовмри – Денот на Македонската револуционерна борба. Пред точно 120 години, под мотото „Смрт или слобода за Македонија“, шестмина македонски визионери со страст и решителност започнаа да ја шират идејата за создавање на сопствена, самостојна и независна држава. На нивната храброст и решителност денес се темели државноста на Македонија. На денешната свечена академија, свое обраќање имаше градоначалникот Славчо Чадиев кој истакна дека Општина Велес секогаш ќе остане достоен следбеник на големите Македонци.
„Овде во Велес децата ја знаат историјата на својот народ затоа што ние возрасните им ја раскажуваме. Така нека биде и во иднина. Дали низ песна, дали низ приказна, филм или историски час продолжуваме да му покажуваме на светот колку не има, од каде сме, чии сме. А не има доволно да направиме завет, за бурите да не можат да не оддуваат.” – рече градоначалникот Чадиев.
За славното дело на шестмината млади херои кои во 1893 година во Солун ја основаа револуцинерната организација говореше и Слободан Ников, раководител на Државниот архив во Велес. „Водени се низа разговори и средби помеѓу идните основачи. Биле шестмина на број и во куќата на Христо Батанџиев пред 120 години на 23 октомври 1893 година е формирана ТМРО. Најголем дострел на оваа организација е Илинденското востание.” - истакна историчарот Ников.
На Академија присутните имаа можност I да го проследат играно документарниот филм посветен на велешкиот илинденец, Јован Наумов - Алабакот.