Започнаа активностите за уредување на улицата Киро Чауле
Овие денови започнаа градежните активности за уредување на улицата Киро Чауле во населбата „Керамидна". Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев денес од лице место заедно со жителите од овој дел на градот ги следеше работните активности. Целата предвидена траса од 150 метри се пробива и подготвува за тампонирање и вградување на арматурната мрежа. Во наредните денови ќе се изврши комплетно бетонирање на предвидената делница од трасата. Инаку за оваа цел вкупно 16 корисници на земјиште кои живеат на улица Киро Чауле во населбата „Керамидна” во присуство на нотар неодамна дадоа изјави дека се согласуваат да отстапат дел од нивните земјишта за уредување на улицата. За остапувањето на делот од нивните површини тие не бараат никаков надоместок. Општина Велес до жителите од улицата Киро Чауле уште еднаш изразува благодарност за иницијативата и соработката која ја покажаа во изминатиов период.