Крводарителска акција во чест на „9 Ноември”

На 03.11.2012 год. во просториите на Ликовниот салон во Велес ќе се одржи крводарителска акција под покровителство на мото клубот „Носачи на крстот“, во соработка со Црвениот крст на град Велес и Општина Велес. Повод за оваа акција е празникот на градот „9 Ноември“ и 5-годишнината на мото клубот, кој оваа крводарителска акција ја издигна на традиционално ниво. Градоначалникот Славчо Чадиев и неговиот заменик д-р Горан Јовиќ кој воедно е и претседател на мото клубот од Велес денес заедно ги повикаа велешани повторно да ја покажат својата хуманост и со дарувањето на крв да спасат нечиј живот. „Јас сакам да ги поикам граѓаните да донираат крв. Општината по петти пат ја поддржува оваа акција, која очекуваме дека ќе има значителен успех„ – истакна градоначалникот Чадиев.

Организаторите од мото клубот „Носачи на крстот“ се надеваат на голем одзив од граѓаните. Во претходните години секогаш бројот на собрани крвни едници бил поголем од 100. Истовремено во недела ќе биде отворена и изложбата на фотографии од патувањата на мото клубот. „На крводарителската акција ќе имаме и изложба од нашите патувања со моторите. Ги поканувам граѓаните да ја посеатат изложбата, а кога се веќе тука и да даруваат крв, бидејќи Велес не само што е познат како најмоторџиски град, туку и како најхуман„ – напомена заменик градоначалникот Горан Јовиќ. Петата по ред крводарителска акција ќе се реализира со почеток од 10.00 часот.