По 46-ти пат одржани Детските Рацинови средби

Во предвечерјето на најголемиот градски празник – 9ти Ноември, Велес со славење се подготвуваше за славјето. По 46-ти пат, децата од Велес и од 20 други градови ширум Македонија, го чествуваа, пееја и твореа за Рацин. На 1-ви и 2-ри ноември Велес ширум ги отвори своите порти за 60-тина гости – рацинови почитувачи, кои во придружба на своите ментори и секако со своите врсници од Велес, два дена му посветија на безвремениот поет. Жири комисијата имаше навистина тешка задача зашто имаше пристигнато над 200 творби од околу 90 училишта од Македонија.

Традиционално, средбите започнаа со положувањето на цвеќе пред спомениците на Рацин во градот, каде со своја пригодна програма се претставија децата од ООУ „Рајко Жинзифов“ од Оризари и ООМУ „Стефан Гајдов“ од Велес. Потоа, во 13 часот, во ОССУ „Димитрија Чуповски“ започна ликовно-вајарската работилница чии координатори годинава беа професорите Снежана Петрушева , Јасна Мијакова и Светлана Гацева, а пак поетите гости на 46-те Детски Рацинови средби заедно со своите домаќини ги посетија основните и средните училишта во општината во рамки на поетскиот караван. Во 17 часот во медиотеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ се одржа научен симпозиум на тема: „Детето, книгата, читањето“ под координација на доц. д-р Христо Петрески, универзитетски професор, а на кој учество земаа проф. д-р Виолета Димова, м-р Трајче Кацаров, писателите Горјан Петрески, Игор Крајчев и Иван Антоновски, како и останати присутни кои со свои излагања се вклучија на дискусијата. Во 19 часот, во салата „Бели Мугри“ 46-те Детски Рацинови средби свечено ги отвори заменик-градоначалникот д-р Горан Јовиќ, а поздравен говор имаше и Игор Крајчев директор на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ која беше координатор на активностите на манифестацијата.

Следниот ден следуваа неколку актвности, како изложбата на дела од ликовно-вајарската работилница од 45-те Детски Рацинови средби, промоцијата на најновиот роман на Горјан Петрески „Јавачот на божилак“ промовиран од писателите Игор Крајчев и Иван Антоновски и завршната церемонија на која беа доделени наградите на најдобрите. На литературниот конкурс, највисоката Гран При награда ја доби ученичката Стефанија Бајрактарова од ООУ „Блаже Конески“ од Велес. Од поетските творби, во категоријата од 1-во до 5-то одделение, најдобра беше Мартина Стојанова, 5-то одд од ОУ „Коста Рацин“ од с.Подареш, Радовиш, а во категоријата од 6-то до 8-мо одделение, најдобра беше Ана Марија Радевска, 8-мо одд. од ОУ „Св Климент Охридски“ од Битола. Меѓу прозаистите, најдобра беше Милена Боризовска, 8-мо одд. од ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ од Куманово. Во ликовно-вајарската работилница, меѓу вајарите најдобар беше Орданче Рибарски 8-мо одд. од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Велес, а меѓу сликарите - Ученичката Марија Николовска од ОУ „Гоце Делчев“ од Штип.