Успешна реализација на 10-тиот по ред Фестивал на пити и вино
Во пресрет на Денот на општината 9-ти Ноември, Општина Велес успешно ги отпочна традиционалните манифестации – Фестивал на пити и вино – Питијада и Детските рацинови средби, како и предавањето во употреба на Паркот на пријателството. Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев, денес на пресконференција го искажа своето задоволство од одржувањето на овогодинешната питијада но и од другите манифестации. 10 годишниот јубилеј на реализирање на оваа културна и гастрономска презентација на градот конечно ја постигна целта за која е организирана. Да го претстави Велес во сите сегменти: бизнис заедницата, традиционалниот производ, презентација на винскиот пат од Вардарскиот регион, и дефинитивно претставување на Велес како урбана средина што води грижа за својот идентитет историја и традиција.
„Денес кога ги сумираме резултатите имам задоволство да кажам дека ги соборивме сите рекорди: ја направивме најголемата пита пастрмајлија, угостителите продадоа 35.000 пити пастрмајлии, а винариите продадоа 17 тона вино. Морам да потенцирам дека ова се бројки од штандовите, ако на ова се додадат количините потрошени во локалите, бројката е двојно поголема.” – истакна градоначалникот Чадиев. Тој воедно ја искористи и приликата јавно да им се заблагодарам на сите што помогнаа питијадата да се реализира беспрекорно – од техниката и естрадните уметници, полицијата, вработените во ЈКП „Дервен“, волонтерите, вработените во општинската администрација, угостителите, сопствениците на кафулињата. Посебна благодарност беше упатено и до бизнис заедницата што оваа година максимално се вклучи и ја помогна питијадата. Голема заслуга имаат и медиумите што направија презентација на манифестацијата и придонесоа да не посетат граѓани од цела Македонија.
Според најавите од заменик министерот за култура, од другата година оваа манифестација ќе добие и официјално национален и интернационален карактер. Во прилог на промоција на питијадата надвор од границите на Македонија придонесе и присуството на гостите од Турција што беа гости по повод предавањето во употреба на паркот на пријателството, а гостите на Детските рацинови средби од шеесетина училишта ширум Македонија беа исто така дел од заедничкото дружење. Факт е дека никогаш досега, по ниеден повод, па дури ни за дочек на Нова Година, во Велес не се случил помасовен настан. Останува обврската да го зачуваме годинашниот квалитет и секоја година да го зголемуваме.