ПОЗНАТИ ДОБИТНИЦИТЕ НА 9-ТО НОЕМВРИСКИТЕ НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА
Советот на Општина Велес на седницата одржана на 4.11.2013 година донесе Одлука за доделување на наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2013 година, Одлука за доделување на признанијата 9-ти Ноември за 2013 година и Одлука за Најстудент „Проф. д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2013 година.Заменик-градоначаникот Др. Горан Јовиќ денес на пресконференција ги соопшти наградените. Највисокото општинско признание Спомен-плакета 9-ти Ноември за 2013 година го добија:
1. ОЈУ-Детска градинка „Димче Мирчев“
2. Младите на ОО Црвен крст Велес
3. Александар Јовановски - Мијак, слободен уметник
Добитници на Благодарница 9-ти Ноември за 2013 година се:
1. ПОУ„Маца Овчарова“
2. Извиднички Одред „Димитар Влахов“
3. Михаило Зиков – бизнисмен од Романија
Добитници на признанието Пофалница 9-ти Ноември за 2013 година се:
1. Јордан Коларов - крводарител
2. Синиша Јовиќ и Тамара Савевска – млади научници
3. Марија-Хаџи-Ристова – планинар
Наградата Најстудент „Проф. д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2013 година оваа година ја понесе студентот
• Маја Марковска – студент на постдипломски студии на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип
Најголемо достигнување за еден човек е да добие потврда дека неговата работа вредела труд, дека оставил нешто што на идните генерации ќе им помогне да го идентификуваат минатото и да се гордеат со него. Тогаш значи сме го исполниле своето животно дело.
Општина Велес доделува награда за животно дело „Гемиџии“ токму за оние луѓе што преку своето дело гласот за Велес го разнесуваат далеку и високо.
• Добитник на наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2013 година е Предраг Димитровски, новинар
Предраг Димитровски својата новинарска кариера ја градел во весникот „Вечер“, списанието „Медиум“, весникот „Дневник“, политичкиот магазин „Публика“. Паралелно со развојот на својата кариера како новинар и уредник, Димитровски работи на истражувачкото новинарство. Резултат од ова упорно трагање по фактите е архивата на македонскиот револуционер, гемиџија и прв министер за правда на Народна Република Македонија – Павел Шатев. Трагата го води во Загреб кај единствената жива наследничка на Шатев, неговата ќерка Милка Шатева која му ги става на располагање целата архивска граѓа што семејството успеало да ја сокрие од тогашната југословенска тајна полиција. Станува збор за ракописи од над 4000 страници што се дел од Хрватскиот државен архив чие законско отворање е дури во 2021 година.
Дел од ова историско богатство Предраг Димитровски објавил во магазинот „Публика“, но нема сомнение дека тие допрва ќе бидат предмет на обработка и анализа од страна на македонските историчари. Ова професионално истражување на Димитров му ја донесе во 2011 година највисоката награда што во Македонија се доделува во оваа објаст, наградата „Мито Хаџи Василев Јасмин“.Но делот од архивската граѓа поврзам со акциите на Гемиџиите кои во најголем дел се велешани открива многу нови вистина, носи нова светлина за Велес и неговите херои од овој период.Првите 4 тома од несебичната работа на Предраг Димитровски во издание на Државниот архив на Македонија веќе излегоа од печат во 2012 и 2013 година. Државниот архив, одделение Велес ги промовираше пред велешката јавност во јули оваа година. Останува уште многу вистина за Велес и Македонија да потече од перото на овој горд Македонец.
Наградите и признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на свечена седница на Советот на Општина Велес која ќе се одржи во Петок на 08.11.2013 година со почеток од 13.00 часот во Салата „Бели Мугри”.